Правилник за лични карти

Врз основа на член 57 од Законот за Јавното обвинителство (“Службен весник на РМ“ бр. 150/2007 година), и чл.9 ст.1 т.13 од Законот за Советот на Јавните обвинители на Република Македонија (“Службен весник на РМ“ бр. 150/2007 година) Советот на Јавните обвинители на Република Македонија на седницата одржана на 23.12.2008  година донесе

 

 

ПРАВИЛНИК

ЗА ФОРМАТА И СОДРЖИНАТА НА ОБРАЗЕЦОТ

И ПОСТАПКАТА ЗА ИЗДАВАЊЕ И ОДЗЕМАЊЕ НА

ЛЕГИТИМАЦИЈА НА  ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ И ЧЛЕНОВИТЕ НА СОВЕТОТ НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ

 

  1. I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

 

Член 1

 

Со овој Правилник се уредува издавањето, формата и содржината на образецот и постапка за одземањето на легитимацијата на јавните обвинители и членовите на советот на јавните обвинители.

 

Член 2

 

За издадените и одземените легитимации се води евиденција.

 

Легитимацијата се издава на избран јавен обвинител за време на вршењето на јавно обвинителската  функција.

 

На членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија (во понатамошниот текст Советот) легитимацијата се издава за време на траењето на нивниот мандат.

 

 

Член 3

 

Со службената легитимација јавниот обвинител и членовите на советот ги користат посебните права во вршењето на функцијата од чл. 58 од Законот за Јавното обвинителство.

 

Со службената легитимација јавниот обвинител и членовите на советот се легитимираат пред сите надлежни органи кога ја обавуваат својата функција.

 

Член 4

 

Јавниот обвинител и членот на советот кој ја изгубил легитимацијата или на друг начин останал без неа, веднаш, а најдоцна во рок од 3 дена писмено го известува Советот на Јавните обвинители на Република Македонија, во кое ги изнесува причините поради кои останал без службената легитимација и со тоа се отвора постапка за издавање на нова легитимација, а за старата легитимација во евиденцијата се става забелешка.

 

Член 5

 

Јавниот обвинител и членот на советот кој престанал со вршењето на функција веднаш ја предава легитимацијата, преку претпоставениот Јавен обвинител или Председателот на советот,  во Советот на Јавните обвинители на Република Македонија кој понатаму ја поништува и става забелешка за тоа.

 

Во случај на непредавање, а престанал основот по кој е издадена, по службена должност Советот на Јавните обвинители на Република Македонија во рок од 30 дена по престанокот на основот по кој е издадена ја поништува легитимацијата и за тоа го известува надлежниот Јавен обвинител.

 

Јавниот обвинител и членот на советот кој ги исполнил условите за пензионирање ја задржува легитимација, која предходно е поништена од страна на Советот на страна 2 со печат „Поништено“.

 

Член 6

 

Јавно обвинителската службена легитимација е со големина од 7, 5 x 11, 5cм.

 

Кориците на Јавно обвинителската легитимација од надворешната страна се од кожа, во темно сина  боја за Јавните обвинители, а во темно бордо боја за членовите на Советот на Јавните обвинители.

 

 

 

 

На предната страна во горниот дел се наоѓа

 

грбот на Република Македонија а под него пишува :

 

“РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“ –

Совет на Јавните обвинители на Република Македонија,

 

Внатрешната страна на кориците е во бела боја.

 

Првата внатрешна страна ги содржи зборовите :

 

“Република Македонија“

 

„Совет на Јавните обвинители на Република Македонија“

 

место за фотографија во боја со големина 2, 5 x 3 cм, простор каде што се запишува името и презимето на јавниот обвинител, функцијата и назив на Јавното обвинителство, регистарски број на легитимацијата.

Во горниот лев агол е грбот на Република Македонија, а во горниот десен агол е заштитниот знак  мечот на правдата со вага. (Образец бр 1).

 

На јавно обвинителската легитимација се втиснува печатот од Советот на Јавните обвинители на Република Македонија и потписот на претседателот на Советот или овластено лице.

 

Втората внатрешна страна на јавно обвинителската легитимација ги содржи следните податоци: матичниот број на Јавниот обвинител, живеалиште, адреса и дата на издавањето.

 

Над третата внатрешна страна на службената легитимација се наоѓа следниот текст:

 

„Совет на Јавни обвинители на Република Македонија“

 

 

 

Член 7

 

Обрасците број 1 и 2 се составен дел на овој Правилник.

 

 

 

 

 

 

 

  1. II. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

Член 8

 

          Службените легитимации издадени на јавните обвинители пред влегувањето во сила на овој Правилник ќе се заменат во рок од 1 (една) година, а издадените да се вратат преку надлежните Јавни обвинители до Советот на Јавните обвинители на Република Македонија.

 

 

 

Член 9

 

Со денот на влегувањето во сила на овој Правилник престануваат да важат одредбите од Правилникот за образецот и постапката за издавање и одземање на службените легитимации на јавните обвинители и службените лица во јавните обвинителства и на службените лица во Министарството за правда – сектор за правосудство, (“Службен весник на РМ“бр. 34/96, 50/96), а кои се однесуваат за службените легитимации на јавните обвинители.

 

 

 

 

Член 10

 

Овој Правилник влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во Службен Весник на Република Македонија

 

 

 

 

 

 

СОВЕТ НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ

НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

                                                                   ПРЕТСЕДАТЕЛ

                                                                       Елена Гошева