Правилник за надзор

Врз основа на член 21 став 4 од Законот  за Јавното обвинителство (Службен весник на РМ бр.150/2007), Советот на Јавните обвинители на Република Македонија на седницата одржана на  25.09.2008 година донесе

П  Р  А  В  И  Л  Н  И  К

ЗА УТВРДУВАЊЕ НА НАЧИНОТ НА ВРШЕЊЕ НА НАДЗОР НАД

РАБОТАТА И ПОСТАПУВАЊЕТО НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВА

 

 

 

ОПШТИ ОДРЕДБИ

 

Член 1

            Со овој правилник се утврдува начинот на вршењето на надзорот над работата и постапувањето по конкретни предмети на пониските јавни обвинителства (во понатамошниот текст надзорот).

Член 2

            Повисокото јавно обвинителство врши надзор над работата на пониските јавни обвинителства.

            Јавното обвинителство на Република Македонија врши надзор на работата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран  криминал и корупција.

Член 3

            Вишите јавни обвинителства во Скопје, Битола, Штип и Гостивар вршат надзор над работата на основните јавни обвинителства за подрачјето за кое според законот се надлежни да постапуваат.

Член 4

            Надзорот на повисокото јавно обвинителство над работата на пониските јавни обвинителства и надзорот на Јавното обвинителство на Република Македонија над работата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе се врши согласно годишниот  распоред за работа, кој го донесува јавниот обвинител на јавното обвинителство кое што го врши надзорот.

Член 5

            Надзорот ќе се врши најмалку два пати во годината, вообичаено кон крајот на првото полугодие и крајот на тековната година, а по потреба и повеќе пати, по оценка на повисокото јавно обвинителство.

Член 6

            Целта на вршењето на надзорот е утврдување на:

  • ажурност и уредност во приемот, заведувањето, распределбата и постапувањето по предметите и други писмена;
  • почитување на законските рокови за изготвување на одлуките;
  • квалитетот на одлуките;
  • професионално и активно учество на јавниот обвинител во сите фази на постапката.

Член 7

            Надзорот ќе се извршува со вршење на увид во административното и предметното работење на обвинителството во кое што се врши надзорот.

Член 8

            Надзорот го извршуваат работни групи определени од страна на јавниот обвинител на јавното обвинителство кое што го врши надзорот..

            Во овие работни групи секогаш учествува јавниот обвинител определен како координатор за јавното обвинителство во кое што се врши надзорот определен со годишниот распоред за работа на јавното обвинителство кое што го врши надзорот, и јавен обвинител од Јавното обвинителство на Република Македонија.

Член 9

            На денот на надзорот, јавниот обвинител на јавното обвинителство во кое што се врши надзорот е должен да биде присутен, да обезбеди присуство на јавните обвинители од тоа обвинителство, како и да обезбеди други услови за нормално и непречено извршување на надзорот.

Член 10

            По извршениот надзор јавното обвинителство кое што го врши надзорот е должно да изготви писмен извештај со сите констатации од надзорот. Составен дел на овој извештај се и констатациите од извршениот надзор од страна на јавниот обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија.

            Еден примерок од извештајот се доставува до јавното обвинителство во кое е извршен надзорот и до Јавниот обвинител  на Република Македонија.

Член 11

            Јавното обвинителство во кое што е извршен надзорот доколку има конкретни забелешки на изготвениот писмен извештај може за тоа писмено да го извести  Јавниот обвинител на Република Македонија.

 

Член 12

            Повисоките јавни обвинителства, како и Јавното обвинителство на Република Македонијасекогаш може да бара јавниот обвинител на пониското јавно обвинителство, како и од Основниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција, да достават конкретни податоци по конкретни предмети како во поглед на ажурноста во постапувањето, видот на одлуките и слично.

ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 13

            Овој Правилник влегува во сила со денот на неговото донесување, а  ќе се објави во Службен весник на Република Македонија.

 

 

 

 

 

                                                                        СОВЕТ НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ

                                                                             НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

                                                                                       ПРЕТСЕДАТЕЛ

                  Елена Гошева