Правилник за оценување на ЈО

Советот на  јавните обвинители на Република Македонија согласно чл.22/1 од Законот за јавно обвинителство на седницата одржана на ден 25.09.2008 година донесе

      П   Р   А   В   И  Л  Н  И  К

 

            ЗА  УТВРДУВАЊЕ НА НАЧИНОТ  ЗА ОЦЕНА

            НА РАБОТАТА НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ

 

Член  1

            Со овој правилник се утврдуваат правила, критериуми и начин на оцена на работата на јавните обвинители.

Член  2

            Оценката на работата на јавните  обвинители има за цел да ја афирмира јавнообвинителската функција и нејзиното законито, непристрасно и објективно вршење и заштита на човековите права и слободи.

Член  3

            Оценката на работата на јавните обвинители ја  врши непосредно повисокиот јавен обвинител за секој јавен обвинител поединечно во период од 2 години.

            Оценката за работата на јавните обвинители на Вишите јавни обвинителства и јавните обвинители во вишите јавни обвинителства дава Јавниот обвинител на Република Македонија.

            Оценката за работата на јавните обвинители  на основните  јавни  обвинителства и  јавните обвинители во основните јавни обвинителства даваат Вишите јавни обвинители.

            Оцена за работата на јавните обвинители јавниот обвинител на Основното јавно  обвинителство за организиран криминал и корупција и јавните обвинители во тоа јавно обвинителство дава Јавниот обвинител на Република Македонија.

 

 

КРИТЕРИУМИ ЗА ОЦЕНА

Член  4

            Критериуми за оцена на работата на јавните обвинители се:

  • стручноста и професионалноста во вршење на функцијата
  • ажурност и ефикасност
  • непристрасност и совесност
  • углед и етичност достојни за функцијата
  • комуникативност и соработка
  • организаторски способности
  • континуирана едукација и лично научно усовршување

Член  5

            Стручност и професионалност во вршење на јавно обвинителската функција  значи правилна примена на Уставот и  законите на Република Македонија, ратификуваните меѓународни договори и други прописи и правилен однос кон донесувањето и  изготвувањето на јавнообвинителските одлуки.

Член  6

            Ажурност и ефикасност во работењето значи, навремено и во законски утврдени рокови постапување и одлучување  по кривични пријави и предмети, активно учество во истрагата особено во предмети за кривични дела од организираниот криминал и корупција и во кој е определена мерка притвор, навремено донесување на одлука по завршната истрага, редовно и активно учество на главните претреси и запазување на законските рокови за поднесувањето редовни и вонредни правни средства.

Член  7

            Непристрасност и совесност значи и  неселектиран пристап  во примена на прописите независно од пол, раса, национално и социјално потекло, политичко и верско определување , имотна и  општествена положба, како и личен интегритет неподлежен на било каков вид влијание.

Член  8

            Углед и етичност достојни за функцијата, значи достоинственост, углед и авторитет во средината каде јавниот обвинител работи и живее и придржување кон кодексот  на јавно обвинителската етика.

Член  9

            Способност за комуникација и соработка значи професионален, прецизен  и достоинствен однос кон учесниците во постапката, во односите во јавното обвинителство и односите со  сите останати органи и организации со кои согласно законите јавниот обвинител е овластен да комуницира и соработува.

Член  10

            Организаторски способности значи, поседување способности за раководење и креирање на односи за успешно и  ефикасно извршување  на целокупната работа во јавно обвинителство.

Член  11

            Континуирана едукација и лично научно усовршување значи учество на стручни семинари и работилници во организација на  Академијата за обука на судии и јавни обвинители  и други организации и асоцијации и лично ангажирање за надградба  на сопствениот стручен  и  интелектуален  капацитет, објавување на научни трудови и слично.

НАЧИН И ПОСТАПКА НА ОЦЕНУВАЊЕ

Член  12

            Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители на Вишите јавни обвинителства со годишниот распоред за работа  одредуваат работни групи за секое  јавно обвинителство и период во кој треба да се спроведе постапка за оцена на работата на  секој јавен обвинител во тие јавни обвинителства.

Член  13

            Оцена за работата на јавните обвинители се врши со непосреден увид во предметното  постапување (уписници и предмети) и преку непосреден разговор со секој јавен обвинител.

Член  14

            Со непосредениот увид во предметното работење на јавните обвинители се утврдува:

  • бројот на кривичните пријави, предмети и поднесоци,
  • бројот на решени кривични пријави и предмети во со закон предвиден рок,
  • бројот на нерешени кривични пријави и предмети и причините за нивното нерешавање,
  • квалитет на јавно обвинителските одлуки – придружување кон законските формулации, способност за писмено изразување и јасно и прецизно образложување на одлуките.

Член  15

            Со непосреден увид во уписниците од административно управен карактер и со непосредно обавен разговор се утврдува организаторската способност на јавните обвинители на јавните  обвинителства, како и нивната способност за градење углед и авторитет на јавното обвинителство и способност за воспоставување и одржување  на коректни здрави односи во истото.

Член  16

            Оцената за работа на јавните обвинители може да биде изразена како негативна и позитивна.

– позитивната оцена може да биде изразена како:

           – задоволителна

           – добра

           – многу добра

           – особено се истакнува

Член  17

            Резултатите од спроведената постапка за работа на јавните обвинители се внесуваат во образец чија форма и содржина ќе ја утврди со одлука Советот на јавните обвинители на Република Македонија, по предлог на јавниот обвинител на Република Македонија.

            Примерок од пополнетиот образец веднаш се доставува до Советот на јавните обвинители и до јавниот обвинител  за кого се однесува оценката.

Член  18

            Доколку јавниот обвинител е незадоволен од оценката што ја добил, може да поднесе писмено барање до Советот на јавните обвинители да се спроведе постапка за повторно оценување на неговата работа.

            Барањето за повторна оцена се поднесува во рок од 8 дена од денот на приемот на образецот.

Член  19

            Советот на Јавните обвинители во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето за повторна оцена е должен да одговара за основаноста на истото.

            Доколку Советот на Јавните обвинители оцени дека барањето е основано, писмено ќе го задолжи јавниот обвинител што ја спровел постапка за оценувањето да изврши повторна оцена при што ќе му даде и конкретни упатства.

            Повторно дадената оценка е конечна.

ДОНЕСУВАЊЕ И ИЗМЕНУВАЊЕ НА ПРАВИЛНИКОТ

Член  20

            Правилникот за утврдување на начинот на оцена на работата на јавните обвинители, Советот на јавните обвинители на Република Македонија го донесува со мнозинство гласови од вкупниот број  на членови на Советот.

            Изменувањето и дополнувањето на Правилникот се врши на начин и постапка како неговото донесување.

Член  21

            Со денот на влегувањето во сила на овој Правилник, престанува да важи  Правилникот за утврдување критериуми за оцена на работата на јавните обвинители и замениците јавни обвинители, донесен на 06.08.2004 година од страна на Јавниот обвинител на Република Македонија.

Член  22

            Овој Правилник влегува во сила со денот на неговото објавување во службен Весник на Република Македонија.

 

 

 

СОВЕТ НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ НА

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

           ПРЕТСЕДАТЕЛ

          ЕЛЕНА  ГОШЕВА