Деловник

Врз основа на член 12 од Законот за Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Советот на Јавните обвинители на Република Македонија на седницата одржана на 22.08.2008 година, донесе

Д   Е   Л   О   В   Н   И   К

 

ЗА РАБОТА НА СОВЕТОТ НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ НА

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

(пречистен текст)

 

I

 

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој Деловник се уредуваат прашањата на постапката и начинот на работа на Советот на јавните обвинители на Република Македонија (во понатамошниот текст: Советот) како и други прашања од надлежноста на Советот.

Член 2

Седиштето на Советот е во Скопје.

На зградата во која се наоѓа Советот се истакнува натпис „Совет на јавните обвинители на Република Македонија – Скопје“.

Член 3

            Советот има свој печат, штембил и приемен штембил.

            Печатот има облик на круг со пречник од 32 мм, и со пречник од 25мм  кои го содржат грбот на Република Македонија, а околу него е напишано: Република Македонија – Совет на јавните обвинители на Република Македонија – Скопје.

            Штембилот има правоаголен облик со димензии 50х30 мм на кој се наоѓа грбот на Република Македонија и натпис: Република Македонија – Совет на јавните обвинители на Република Македонија, број, место, датум и година – Скопје“.

            Печатот и штембилот се ставаат на одлуките, решенијата и другите акти што ги донесува Советот.

            Приемниот штембил има правоаголен  облик со димензии 65.30 мм, над кој се наоѓа натпис „ Република Македонија – Совет на јавните обвинители на Република Македонија – Скопје“, а во средината во определените графи се наоѓаат зборовите „ примено“, „организациона единица“ и „број“.

            Приемниот штембил се става на сите поднесоци што се доставуваат до  Советот.

Член 4

            Со печатот, штембилот и приемниот штембил ракува работник кој е вработен во Советот  и назначен од секретарот на Советот и е  одговорен за нивната употреба.

II

 

НАЧИН НА РАБОТА НА СОВЕТОТ

Член 5

            За прашањата од својата надлежност утврдени со уставот и законот, Советот одлучува на седница.

Член 6

            Седницата со Одлука ја свикува и со неа раководи Претседателот на Советот.

            На седницата на Советот покрај членовите присуствува и секретарот на Советот. По одлука на Советот, на седницата можат да присуствуваат и други лица.

Советот  одржува седница најмалку два пати во месецот,  секоја прва и трета среда во месецот, а по потреба и повеќе пати.

Претседателот е должен да свика седница и по предлог на најмалку 4 членови на Советот. Барањето за закажување на седница ги содржи прашањата по кои се бара да се расправа на седницата.

            Одлуката за свикување на седница со предлогот на дневниот ред и со материјалите до членовите на Советот по правило се доставуваат по пошта или по електронски пат (е-маил) најмалку 3- дена пред одржување на седницата.

            По исклучок седница може да биде закажана и одржана и во пократок рок од утврдениот со став 5 на овој член.

Член 7

            За работата на седницата на Советот се води записник. Записникот го води секретарот на Советот. Во случај на отсутност или спреченост на секретарот, записникот го води лице што ќе го определи Советот.

            Записникот содржи: време, датум и место на одржување на седницата, присутни членови на Советот, дневен ред, изјаснување на членовите по дневниот ред, учесници во расправата и нивните дискусии, донесени одлуки, решенија и заклучоци.

            Донесените одлуки, решенија и заклучоци се изготвуваат во писмена форма најдоцна до 3- дена по завршувањето на Седницата.

Примерок од записникот се доставува до членовите на Советот, кои можат да дадат забелешки за записникот на седница на Советот на која се разгледува истиот .

            Советот го разгледува и усвојува записникот на седницата која следи по онаа за која истиот се однесува.

            Усвоениот записник го потпишуваат претседателот на советот и секретарот.

Член 8

Седницата на советот може да се одржи ако е присутно мнозинството од вкупниот број на членови.

Советот одлучува со мнозинство на гласови од вкупниот број на членови.

Членовите на Советот  редоследно гласаат според азбучниот ред на нивните презимиња.

Седниците на Советот се од јавен карактер, освен кога Советот ќе донесе одлука дека седницата ќе биде од затворен карактер.

Член 9

На Седниците на Советот членовите на Советот седат по следниот редослед:

Претседателот на Советот седи на централното место на масата, од десната страна седи неговиот заменик, а потоа јавниот Обвинител на Република Македонија, а од левата Министерот за Правда. Од десната страна до Јавниот Обвинител на Република Македонија седат членовите на Советот избрани од редот на јавните обвинители и тоа по рангот на обвинителството од кое се избрани. Ако повеЌе обвинители се од обвинителство кое е од ист ранг, предност има повозрасниот член на Советот. Од левата страна до Министерот за Правда седат по редослед по кој се избрани членовите на Советот Што ги избрало Собранието на Репулика Мекедонија.

Член 10

Претседател на Советот

Советот на седница избира претседател од редовите на членовите на Советот, од редот на избраните јавни обвинители, со мнозинство гласови од вкупниот број на членови со тајно гласање.

Кандидат за претседател на Советот може да предложи секој член на Советот.

Постапката ја спроведува тричлена комисија која ја избираат членовите на Советот од своите редови.

Ако ниту еден кандидат не го добие потребното мнозинство, постапката за избор се повторува.

Ако има повеќе од два кандидати и доколку ниту еден не го добие потребното мнозинство на гласови, се спроведува и втор круг на гласање. Во вториот круг на гласање одат двајцата кандидати со најмногу добиени гласови во првиот круг на гласање.

Ако никој од кандидатите ниту во вториот круг на гласање не го добие потребното мнозинство, постапката за избор се повторува.

Мандатот на претседателот на Советот трае 2 години, без право на повторен избор.

На предлог на претседателот на Советот на истата седница на која се избира претседател, Советот избира и заменик на претседателот на Советот, кој ќе го заменува во негово отсуство.  Заменикот на претседателот на Советот се избира со јавно гласање, со мнозинство на гласови од вкупниот број на членови на Советот. Мандатот на заменикот трае 2 години, без право на повторен избор.

За претседател и заменик на Советот не можат да бидат избрани јавниот обвинител на Република Македонија и министерот за правда.

Член 11

Претседателот на Советот е надлежен да:

  • го претставува Советот ;
  • претседава со седниците и учествува во работата и одлучувањето на Советот;
  • ги потпишува одлуките, решенијата и другите акти на Советот;
  • се грижи за спроведување на деловникот на Советот;
  • изготвува предлог за распоред на работа на членовите на Советот и го доставува на усвојување на седница;
  • непосредно ја известува јавноста за прашањата од надлежност на Советот или определува лице од редот на стручната служба за таа цел;
  • врши други работи определени со закон и со овој деловник.

Во случај на отсуство или спреченост на претседателот за вршење на работите од негова надлежност, него го заменува заменикот.

Член12

Членот на Советот е надлежен да:

  • учествува во работата и во одлучувањето по прашањата што се на дневен ред на седницата на советот;
  • врши увид во работата на јавните обвинители и превзема други дејствија кога за тоа ќе биде назначен од Советот, и за тоа до него поднесува извештај;
  • дава иницијативи, предлози и мислења за прашања од делокругот на работата на Советот; и
  • врши други работи определени со овој деловник и други акти на советот.

Член 13

Советот е надлежен да:

  • дава мислење на Владата на Република Македонија по предлогот за именување и разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија,
  • ги избира и разрешува јавните обвинители,
  • утврдува престанок на функцијата јавен обвинител и одлучува во втор степен во постапка за утврдување на дисциплинската одговорност на јавните обвинители,
  • одлучува за утврдување на нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител,
  • ја следи работата на јавните обвинители врз основа на оцената за нивната работа согласно со Законот за јавното обвинителство,
  • одлучува за привремено оддалечување од функцијата јавен обвинител,
  • постапува по претставки и поплаки на граѓани и правни лица за работата на јавните обвинители,
  • го определува бројот на јавните обвинители во јавните обвинителства со одлука,
  • до крајот на февруари во тековната година, со одлука го утврдува бројот на слободните места за јавни обвинители во основните јавни обвинителства за наредните две години и одлуката ја доставува до Академијата за обука на судии и обвинители,
  • ги разгледува и оценува годишните извештаи на јавните обвинителства,
  • донесува Деловник за работа,
  • донесува решение за мирување на функцијата јавен обвинител,
  • издава и да одзема службени легитимации на јавните обвинители,
  • води персонален лист за јавните обвинители,
  • поднесува извештај за својата работа,
  • дава мислења по закони од областа на делокругот на работата на Советот,
  • дава мислења по програмите на Академијата за обука на судии и јавни обвинители,
  • објави оглас и спроведува постапка за избор на јавен обвинител за времено упатување во друго јавно обвинителство, и
  • врши и други работи утврдени со закон.

Член 14

За поголема ефективност во извршувањето на своите надлежности, по предлог на претседателот на Советот, на седница на Советот се назначуваат по двајца членови на Советот како координатори во секое од четирите подрачја на Вишите јавни обвинителства, кои ќе ја координираат работата на истите. За координатори може да бидат назначени членови на Советот само од редот на избраните јавни обвинители кои не се членови на Советот по функција согласно законот.

Овој распоред  може да се менува согласно потребите на Советот.

Член 15

Координаторите му поднесуваат извештај на Советот за извештаите за работа, за кандидатите за избор и разрешување, постапување по претставки и поплаки и за сите прашања кој се на дневен ред а, се однесуваат на соодветните Виши и подрачните основни јавни обвинителства чија работа се задолжени да ја следат.

Член 16

            Со одлука на Советот, Советот може да формира една или повеќе работни групи кои ќе работат на определени работни задачи.

            Со одлуката за формирање на работна група се утврдуваат нејзините членови, работната задача на која ќе работи и роковите за реализирање на задачата односно мандатот на работната група.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

III

 

ПОСТАПКА ЗА ДАВАЊЕ МИСЛЕЊЕ ЗА ИМЕНУВАЊЕ И РАЗРЕШУВАЊЕ НА ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Член 17

Советот на јавни обвинители на Република Македонија, на барање на Владата на Република Македонија, во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето, до Владата на Република Македонија доставува образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите согласно со закон.

По доставениот список на пријавени кандидати по азбучен ред, Советот отвара јавна расправа за секој кандидат поединечно.

Потоа со јавно гласање, за секој кандидат поединечно, Советот се изјаснува  какво мислење ќе даде.

Позитивно мислење ќе биде дадено за кандидатот за кој мнозинство од вкупниот број на членови на Советот се  изјасниле за тоа.

Член 18

           По предлогот на Владата на Република Македонија за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на доставување на предлогот, Советот доставува до Владата образложено позитивно или негативно мислење  во писмена форма.

            По предлогот на Владата се отвара расправа.

            На расправата  не учествуваат јавниот обвинител на Република Македонија и министерот за правда.

Предлогот за разрешување ќе се смета дека е прифатен, доколку за него со јавно гласање, се изјасниле мнозинството од вкупниот број на членови на Советот.

Член 19

              Ако на јавниот обвинител на Република Македонија му престанала функцијата или е разрешен, Советот со одлука ќе определи јавен обвинител од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија, кој ќе ја врши функцијата до именување на јавен обвинител на Република Македонија.

              Оваа одлука се донесува со јавно гласање, доколку за неа гласаат мнозинство од вкупниот број на членови на Советот.

Член 20

          Советот до крајот на месец февруари во тековната година, со одлука го утврдува бројот на слободните места за јавни обвинители во основните јавни обвинителства за наредните две години и одлуката ја доставува до Академијата за обука на судии и обвинители.

Член 21

          Советот со одлука го определува бројот на јавните обвинители во јавните обвинителства, врз основа на обемот и надлежноста на рабoта во истите.

IV

ПОСТАПКА  ЗА  ИЗБОР

И  РАЗРЕШУВАЊЕ НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ, ВРЕМЕНО УПАТУВАЊЕ И РАСПОРЕДУВАЊЕ

Член 22

           Советот донесува одлука за објавување на оглас за избор на јавен обвинител, веднаш по испразнувањето или по утврдена потреба за  место за јавен обвинител во согласност со одредбите од законот.

1) ИЗБОР НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ

Член 23

Советот избира јавен обвинител во основно јавно обвинителство рангиран според постигнатиот успех на листата на кандидати доставен од Академијата за обука на судии и јавни обвинители кои се јавиле на огласот.

До првото стекнување на својство на кандидати за јавни обвинители согласно со Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, јавните обвинители во основните јавни обвинителства ќе се избираат согласно со условите од членот 34 ставови (1) и (2) од Законот за јавното обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” број 38/2004).

Во период од три години по денот на првото стекнување на својство на кандидати за јавни обвинители, согласно Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, Советот 50 проценти од непополнетите обвинителски места во основните обвинителства  ќе ги пополни со лица кои ги исполнуваат условите за заменик јавен обвинител во основно јавно обвинителство, согласно член 34 ставови 1 и 2 од Законот за јавното обвинителство (Службен Весник на РМ бр. 38/04) и кои не ја посетувале почетната обука во Академијата.

 

Член 24

Советот избира јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија, во вишите обвинителства и во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, од пријавените кандидати на огласот што ги исполнуваат условите и критериумите предвидени со Законот за јавното обвинителство.

Советот, за јавен обвинител во овие обвинителства, ќе избере лице со потврдени резултати во работата, кое има стручни и професионални квалитети и кое ужива углед во вршење на функцијата, кое ги исполнува следните критериуми:

  1. Стручно знаење, при што се земат предвид специјалистичките, постдипломските студии и учеството во континуирана едукација;
  2. Односот кон работата или ажурност при извршување на работата како јавен обвинител;
  3. Способност за стручно разрешување на правните прашања;
  4. Превземање дополнителни работи при вршење на функцијата на јавен обвинител преку учество во изготвување на прописи, менторство, едукација и слично;
  5. Уживањето и чувањето на угледот на јавниот обвините и Јавното обвинителство, што се утврдува со начинот на комуникација со странките и другите органи, самостојноста, непристрасноста и доверливоста во извршувањето на функцијата на јавен обвинител и надвор од неа;
  6. Професионалниот однос  кон стручната служба на јавното обвинителство.

Член 25

При изборот на Виш јавен обвинител, основен јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и основен јавен обвините на основното обвинителство, покрај критериумите од претходниот член, кандидатот треба да поседува и способност за вршење на задачи од раководен карактер.

            Доколку кандидатот претходно вршел раководни функции, посебно ќе се ценат способностите и оценката за неговата работа од страна на непосредно повисокиот јавен обвинител.

             Пред пристапување  на изборот на јавен обвинител Советот врши интервју со пријавените кандидати.

                    Интервју ке се врши со кандидатите кои ја доставиле  целокупната документација со која се потврдуваат со закон пропишаните услови предивдени од член 44 од Законот  за јавното обвинителство.

                   Доставента документација треба да биде доставена во оргинал или заверена фотокопија на нотар.

Уверениетот за државјанство и лекарското уверение да не се постари од шест (6)

Месеци од денот на нивното издавање.

Член 26

            За избор на јавен обвинител, Советот расправа и одлучува на Седница на која присуствуваат најмалку две третини од членовите на Советот.

            За јавен обвинител е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

Член 27

            Одлуката за избор на јавен обвинител Советот ја донесува со јавно гласање.

              Од вкупниот број на пријавените кандидати за избор на јавен обвинител, кандидатите кој на седница на советот добиле подршка на 1/3 на вкупниот број на членови на советот , влегуваат во потесна листа за избор на јавен обвинител.

                  Ако по првото гласање никој од пријавените кандидати не го добие потребното мнозинство ( од 1/3 од гласовите на вкупниот број на членовите на Советот), гласањето се повторува.

                 Ако по повтореното гласање никој од кандидатите не го добие потребното мнозинство (од 1/3 од гласовите од вкупниот број на членовите на Советот), огласот за избор на јавен обинител се повторува.

Член 28

            Ако пријавените кандидати за избор на јавен обвинител не се од редовите на јавни обвинители, Советот прибавува мислење од правното лице, односно од другите институции каде кандидатот работел, за неговиот стручен и професионален развој во областа на правото.

Член 29

Советот избира виш јавен обвинител на вишо јавно обвинителство, основен јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција на основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и основен јавен обвинител на основно јавно обвинителство од пријавените кандидати, од редот на избраните јавни обвинители во Република Македонија кои ги исполнуваат условите и критериумите предвидени во Законот за јавното обвинителство.

За виш јавен обвинител, основен јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција или основен јавен обвинител е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

Член 30

Советот избира виш јавен обвинител на вишо јавно обвинителство, основен јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и основен јавен обвинител на основно јавно обвинителство, за време од четири години, од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.

Советот ги избира  јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од редот на избраните јавни обвинители за време од четири години со право на повторен избор.

Член 31

            Ако јавниот обвинител на Република Македонија, Вишиот јавен обвинител или Основниот јавен обвинител, не бидат повторно избрани, Советот ќе донесе решение со кое што истите продолжуваат да ја вршат функцијата јавни обвинители во истото јавно обвинителство.

            Ако Основниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција  не биде повторно избран, Советот ќе донесе решение со кое истиот продолжува да ја врши функцијата јавен обвинител во јавното обвинителство од кое бил избран.

Член 32

            Пред стапувањето на должност јавните обвинители дават свечена изјава, чиј текст е определен со член 33 став 2 од Законот за јавното обвинителство.

Член 33

            Кога Советот избира Основен јавен обвинител или Јавен обвинител во тоа обвинителство основано за подрачјето на два или повеќе суда во кој барем еден е со седиште на подрачјето на единиците на локалната самоуправа во кој  освен македонскиот јази друг службен јазик е јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните кои живеат на подрачјето на тие единици на локална самоуправа и виш јавен обвинител или обвинители во тоа обвинителство, чие што седиште се наоѓа на подрачјето на единицата на локална самоуправа каде што 20 % од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот , се смета дека  е избран кандидат избран од вкупниот број на членови, при  што е потребно мнозинство гласови од присутните членови кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Член 34

Доколку по спроведената постапка за јавен обвинител, Советот утврди дека ниту еден од пријавените кандидати не ги исполнува условите за избор, ќе донесе одлука за повторно огласување на изборот.

2) РАЗРЕШУВАЊЕ НА ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ

Член 35

Јавен обвинител се разрешува од функција:

а) Поради потешка дисциплинска повреда  што го прави недостоен за вршење на функцијата јавен обвинител пропишана со член 69 од Законот за јавното обвинителство; или

б) Поради нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител, поради причини пропишани со член 71 од Законот за јавното обвинителство.

Член 36

            Постапката за утврдување на потешка дисциплинска повреда и на нестручно и несовесно вршење на функцијата на јавниот обвинител ја спроведува Комисија формирана од јавниот обвинител на Република Македонија.

            Во оваа постапка Советот одлучува по жалба против одлуката на Комисијата од став1 на овој член.

            Одлуката по жалба, Советот ја донесува со јавно гласање,  со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

Одлучувајќи по жалба Советот може да ја укине, измени или потврди одлуката на Комисијата.Кога ја потврдува одлуката на Комисијата од ставот (1) на овој член со која е изречена мерка разрешување од функцијата јавен обвинител, Советот донесува посебно решение со кое се констатира престанок на функцијата.

Член 37

                Против оваа одлука на Советот, разрешениот  јавниот обвинител има право да поведе управен спор пред надлежниот суд.

               Советот донесува Правилник за уредување на постапката за утврдување на одговорност на јавниот обвинител.

3) ВРЕМЕНО УПАТУВАЊЕ И РАСПОРЕДУВАЊЕ ВО ДРУГО ОБВИНИТЕЛСТВО

Член 38

            Доколку врз основа на определени околности дојде до загрозување или оневозможување на извршувањето на функцијата јавен обвинител, а особено поради вонредно зголемен обем на работа или заради намалување на заостанати предмети, на предлог на јавниот обвинител на Република Македонија, Советот ќе објави оглас и ќе спроведе постапка за избор на јавен обвинител за времено упатување на јавен обвинител од едно во друго обвинителство, за период кој не може да биде подолг од 6 (шест) месеци.

              По завршувањето на објавениот оглас, Советот со мнозинство од вкупниот број на членови ќе донесе одлука за времено упатување на јавен обвинител на работа од едно во друго обвинителство.

            Ако ниту еден јавен обвинител не се јави на огласот, на предлог на Јавниот обвинител на Република Македонија, Советот со мнозинство од вкупниот број на членови, може времено да упати јавен обвинител во друго јавно обвинителство,  само по претходна негова согласност.

                      На предлог од јавниот обвинител на Република Македонија, a со одлука на Советот рокот на упатување од став 3 може да биде продолжен, за дополнителни 6 (шест) месеци.

Член 39

                        Во случај на укинување или реорганизирање на јавно обвинителство, Советот на јавни обвинители на Република Македонија ќе го распореди јавниот обвинител од тоа јавно обвинителство во друго јавно обвинителство од ист или понизок степен.

 

 

V

МИРУВАЊЕ И ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ЈАВНООБВИНИТЕЛСКАТА ФУНКЦИЈА

 

 

  1. МИРУВАЊЕ

                                                                           Член 40

Советот   на   јавни   обвинители , донесува   решение  за  мирување  на функцијата на јавен обвинител  именуван или избран за член на Советот на јавни обвинители,  на јавен  обвинител или за судија именуван или избран во меѓународна правосудна институција, судија на Уставниот суд на Република Македонија или директор на Академијата за обука на судии и јавни обвинители на Република Македонија.

Функцијата јавен обвинител мирува за време на вршење на должноста за која е именуван или избран.

  1. ПРЕСТАНОК НА ФУНКЦИЈАТА

Член 41

На јавен обвинител функцијата му престанува под условите пропишани со член 66 од Законот за јавното обвинителство.

Член 42

За утврдување на престанок на функцијата, Советот расправа и одлучува на седница на која присуствуваат мнозинството на членови од вкупниот број на членови на советот, а одлуката се донесува со мнозинство на гласови од вкупниот број на членови, со јавно гласање.

VI

 

ВРЕМЕНО ОДДАЛЕЧУВАЊЕ ОД ФУНКЦИЈА

 

Член 43

Доколку јавниот обвинител е оддалечен од вршење на функцијата, согласно член 60 од Законот за јавното обвинителство, со одлука на јавниот обвинител на Република Македонија , тој има право на жалба до Советот против оваа одлука во рок од 3 (три ) дена од приемот на одлуката.

Советот одлучува по жалбата, во рок од 24 часа, со мнозинство на гласови од вкупниот број на членови.

Одлучувајќи по жалба Советот може одлуката за оддалечување да ја укине,измени или потврди.

 

 

 

 

 

VII

ПОСТАПКА ПО ПРЕСТАВКИ И ПОПЛАКИ

 

Член 44

 

Советот постапува по претставки и поплаки на граѓани и правни лица за работата на јавните обвинители.

                      Доколку по направените проверки на наводите во преставката, членот на Советот оцени дека истите се основани, за тоа ке го извести Советот, кој преставката ја разгледува на седница.

     По наводите на преставката,  на седница на Советот се води расправа.

                     Доколку со мнозинство на гласови од вкупниот број на членови Советот оцени дека има основи на сомневање дека е сторена дисциплинска повреда или јавниот обвинител нестрчуно и несовесно ја вршел функцијата, преставката заедно со сите списи и констатации ке ја достави на понатамошно надлежно постапување на Јавниот обвинител на Република Македонија.

                         Доколку по направените проверки на наводите на преставката, членот на Советот констатира дека истите се неосновани, според негова оценка  за тоа ке го извести подносителот на преставката.

Претставките и поплаките од став 1 на овој член треба да бидат уредно поднесени во архивата на Советот.

 

 

VIII

ОЦЕНА НА РАБОТАТА НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ

Член 45

Советот на јавни обвинители на Република Македонија донесува Правилник за утврдување на начинот за оцена на работата на јавните обвинители.

Оцената од ставот (1) на овој член ја врши непосредно повисокиот јавен обвинител за секој јавен обвинител поединечно, во период од секои две години. Оцена на работата на основниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција ја врши јавниот обвинител на Република Македонија.

Оцената од ставот (1) се доставува до Советот на јавните обвинители на Република Македонија.

 

 

 

IX

 

СЛУЖБЕНА ЛЕГИТИМАЦИЈА

 

Член 47

 

Советот им издава и одзема службена легитимација на јавните обвинители.

Советот со посебен акт ги пропишува формата и содржината на образецот на легитимацијата, начинот на нејзиното издавање и одземање.

 

X

 

ИЗВЕШТАЈ ЗА РАБОТА

Член 48

            За својата работа Советот поднесува годишен извештај до Собранието на Република Македонија.

            Извештајот ги содржи податоците, пропишани со член 13 став 2 од Законот за Советот на јавните обвинители.

Советот на седница го усвојува извештајот со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на седницата.

По усвојувањето на извештајот примерок од истиот се доставува до Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија  и Јавното обвинителство на Република Македонија.

 

 

XI

 

СТРУЧНА СЛУЖБА

 

Член 49

            Советот има стручна служба.

            Со стручната служба раководи секретар.

            Кандидатот за секретар покрај општите услови за работен однос треба да има најмалку 4- години работен стаж по положен правосуден испит.

Советот донесува акти за внатрешна организација и систематизација на работните места.

            При вработување на стручната служба на Советот се обезбедуваат соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Член 50

Секретарот на Советот му помага на претседателот на Советот во работата и особено се грижи за уредно и навремено извршување на работите од страна на државните службеници и другите вработени во државната служба.

 

 

XII

 

ДОНЕСУВАЊЕ, ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ДЕЛОВНИКОТ

 

Член 51

Деловникот за работа, Советот го донесува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови.

Дополнувањето и изменувањето на деловникот се врши на начин и постапка што важат за негово донесување.

Деловникот за работа и неговите измени и дополнувања се објавуваат во Службен весник на Република Македонија.

 

 

 

XIII

 

ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

                                                                

Член 52

Овој деловник влегува во сила со денот на неговото донесување, а ќе се објави во Службен весник на Република Македонија.