Правилник за одговорност на ЈО

Советот на јавните обвинители на Република Македонија, врз основа на чл.72 ст.4 од Законот  за Јавното Обвинителство и чл.36 ст.2 од Деловникот за работа на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, на четвртата седница одржана на 12.09.2008 година, донесе:

П Р А В И Л Н И К

 

ЗА УРЕДУВАЊЕ НА ПОСТАПКАТА ЗА УТВРДУВАЊЕ  НА ОДГОВОРНОСТ НА ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ

  1. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

Член 1

            Со овој Правилник се уредува постапката за утврдување на дисциплинската повреда и нестручно и несовесно вршење на функцијата Јавен обвинител.

Член 2

            Постапката за утврдување на дисциплинска повреда и на нестручно и несовесно вршење на функцијата на Јавниот обвинител ја спроведува Комисија во состав од пет члена, формирана од Јавниот обвинител  на Република Македонија.

Член 3

            Постапката се поведува кога постои основано сомневање дека Јавниот обвинител сторил дисциплинска повреда утврдена со чл.69 и чл.70 од Законот за Јавно обвинителство и поради нестручно и несовесно вршење на функцијата Јавен обвинител, утврдено со чл.71 од Законот за Јавно обвинителство.

Член 4

            Предлог за поведување постапка за утврдување на одговорност на Јавниот обвинител од член 1 се поднесува во рок од 30 дена од денот на дознавањето, но не подолго од 2 години од денот кога повредата е сторена.

Член 5

            Постапката се спроведува законито, ажурно и доверливо на начин со кој не се нарушува честа и достоинството на јавниот обвинител.

Член 6

            Постапката за утврдување на дисциплинска повреда и на нестручно и несовесно вршење на функцијата на јавниот обвинител ја спроведува Комисија од 5 члена.

            Комисијата ја формира Јавниот обвинител на Република Македонија од редот на избраните јавни обвинители со мандат од четири години во рок од 30 дена од денот на влегување во сила на овој Правилник.

            Стручно административните работи на Комисијата ги извршува секретар на Комисијата кој го именува Јавниот обвинител на Република Македонија од редот на раководните и стручните државни службеници во Јавното обвинителство на Република Македонија, во рок пропишан со став 2 од овој член.

            Комисјата на првата конститутивна Седница која ќе се одржи најдоцна во рокот пропишан  во став 2 од овој член избира претседател, од редот на своите членови, со мандат од две години, без право на повторен избор, со мнозинство гласови од вкупниот број членови, со јавно гласање.

            Комисијата своите одлуки ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови, со јавно галсање.

            На советувањето и гласањето присуствува Секретар на Комисијата и за тоа води записник.

Член 7

            На барање за изземање од постапување во постапката за утврдување дисциплинска одговорност и на нестручно и несовесно вршење на функцијата на јавниот обвинител, поднесено од Претседателот, членовите на Комисијата од Јавниот обвинител спрема кој се води постапката, одлучува Јавниот обвинител на Република Македонија.

            Во случај на спреченост на претседателот или на член на Комисијата за постапување во одредена постапка, Јавниот обвинител на Република Македонија делегира друг член.

Член 8

            Предлог за поведување на постапка за дисциплинска одговорност поднесуваат:

  • Јавниот обвинител на Република Македонија за сите јавни обвинители;
  • Виш јавен обвинител на Република Макеоднија за јавните обвинители во Вишото јавно обвинителство, за Основен јавен обвинител и јавни обвинители во тие обвинителство, од своето подрачје;
  • Основен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за јавните обвинители во тоа обвинителство;
  • Основен јавен обвинител, за основни јавни обвинители во Обвинителството со кое раководи.

Член 9

            Комисијата е должна во рок од 15 дена од приемот на предлогот да постапи по истиот.

            Пред поведување на постапката Комисијата по приемот на предметот, без одлагање ќе побара од Јавниот обвинител против кого е поднесен предлогот за поведување на постапката писмено да се изјасни за наводите во предлогот во рок од 5 дена по известувањето.

Член 10

            Ако Комисијата оцени дека не постои основано сомнение за сторена дисциплинска повреда и на нестручно и несовесно вршење на функцијата на јавниот обвинител, ќе донесе заклучок со кој ќе констатира дека нема да се поведе постапка.

            Комисијата примерок од заклучокот доставува до подносителот на предлогот и до јавниот обвинител против кого е поднесен предлогот за поведување на постапката.

            Против заклучокот на Комисијата подносителот на предлогот има право на приговор, во рок од 8 дена од денот на приемот на заклучокот до Советот на јавните обвинители.

            Советот на јавните обвинители е должен во рок од 30 дена да донесе решение по поднесениот приговор, со кое ќе го потврди или преиначи заклучокот.

            Кога заклучокот е преиначен, со своја одлука Советот ќе ја задолжи Дисциплинската комисија да донесе решение за поведување на дисциплинска постапка.

Член 11

            Ако Комисијата оцени дека предлогот е основан, ќе донесе решение за поведување на дисциплинска постапка.

            Решението од став 1 на овој член содржи: причини поради кои се поведува постапка и дејствијата што Комисијата ќе ги спроведе за дициплинската одговорност и нестручното и неосвесно вршење на функцијата јавен обвинител.

            Примерок од решенијата се доставува до Јавниот обвинител против кого е поведена постапката и на подносителот на предлогот.

Член 12

            Комисијата по поднесениот приговор води расправа.

            На расправата се покануваат да присуствуваат подносителот на предлогот и Јавниот обвинител против кој се води дисциплинска постапка, за да се произнесат по фактите и околностите кои што се релевантни за одлучувањето.

            Комисијата ќе одржи расправа и доколку поканетите лица не се присутни, а уредно се повикани.

            Ќе се смета дека лицата од став 2 се уредно поканети, доколку Комисијата достави известување – покана до обвинителството во кое ја вршат функцијата и препорачано на адресата на живеење, независно од тоа дали лично ја примиле поканата.

            Комисијата ги прибира потребните списи, врши увид во списи и спроведува други дејствија заради утврдување на факти и околности во врска со дисциплинската повреда и на нестручно и несовесно вршење на функцијата Јавен обвинител и им дава можност на присутните лица на расправата од став 2 на овој член, доколку се приустни да се произнесат по сите околности и факти.

Член 13

            По изведувањето на сите докази, Комисијата со мнозинство на гласови од вкупниот број на членови, кога ќе утврди дека не е сторена дисциплинска повреда или нема нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител, ќе донесе решение за запирање на постапката.

            Решението за запирање на постапката се доставува до Јавниот обвинител против кој се води постапката и на подносителот на предлогот.

Член 14

            Ако Комисијата со мнозинство на гласови од вкупниот број  на членови утврди дека е сторена дисциплинска повреда и нестручно и несовесно вршење на функцијата на јавниот обвинител, ќе донесе решение.

            Со решението Комисијата ќе изрече и една од пропишаните санкции од чл.73 од Законот за Јавното обвинителство, со образложение за сите релевантни факти на кои е засновано решението.

Член 15

            При изрекувањето на дисциплинските мерки од член 14 од овој Правилник, Комисијата секогаш ќе ги има во вид следниве околности: бројот и тежината на сторените повреди и нивните последици, степенот на одговорност, околностите под кои е сторена повредата, дотогашната работа и однесувањето на јавниот обвинител, како и сите други околности кои можат да влијаат на видот на одлуката, вклучително и кооперативноста што ја покажал јавниот обвинител во текот на дисциплинската постапка.

Член 16

            На решението на Комисијата, лицето против кое се води постапка и подносителот на предлогот, во рок од 8 дена имаат право на жалба до Советот на јавните обвинители.

 

 

 

 

 

 

Член 17

            Одлуката по жалба, Советот ја донесува со јавно гласање со мозинство гласови од вкупниот број на членови.

            Доколку се работи за изречена дисциплинска мерка разрешување од функцијата јавен обвинител, Советот одлуката ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

            Доколку е изречена мерка разрешување од функцијата јавен обвинител, Советот донесува посебно решение со кое се констатира престанокот на функцијата.

            Одлучувајќи по жалба Советот може да ја укине, преиначи, измени  или потврди одлуката на Комисијата.

Член 18

            Против одлуката на Советот со која е изречена мерка разрешување од функцијата, разрешениот јавен обвинител има право да поведе управен спор пред надлежниот суд.

ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ПРАВИЛНИКОТ

Член 19

            Изменувањето и дополнувањето на овој член се врши во постапка и на начин што важат за неговото донесување.

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 20

            Со денот на влегување во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за дисциплинска одговорност и утврдување на нестручно вршење на работата и покажување на незадоволителни резултати на јавните обвинители и на замениците јавни обвиители.

Член 21

            Овој Правилник влегува во сила со денот на неговото објавување во Службен весник на Република Македонија.

                                                                        СОВЕТ НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ

      НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

                      ПРЕТСЕДАТЕЛ,

                          Елена Гошева