Search
Close this search box.

Совет на јавни обвинители на РСМ

Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија е самостоен орган кој ја обезбедува и гарантира самостојноста на јавните обвинители во извршување на нивната функција. Тој со својата работа оневозможува какво било влијание во јавното обвинителство спротивно на закон.

Советот има својство на правно лице. Седиштето на Советот е во Скопје.

Советот е составен од 11 члена, од кои: по функција член на Советот е јавниот обвинител на Република Северна Македонија; еден член на Советот избираат јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од своите редови; по еден член на Советот избираат јавните обвинители од подрачјата на вишите јавни обвинителства Битола, Гостивар, Скопје и Штип, од своите редови; еден член на Советот, припадник на заедница која не е мнозинство во Република Северна Македонија, го избираат сите јавни обвинители во Република Северна Македонија од своите редови и четворица членови на Советот ги избира Собранието на Република Северна Македонија од редот на универзитетски професори по право, адвокати, поранешни судии на Уставниот суд, меѓународни судии и други истакнати правници, од кои двајца се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.

Мандатот на членовите на Советот избрани од страна на јавните обвинители трае четири години со право на уште еден избор по истекот на најмалку четири години од престанокот на претходниот мандат во Советот. Мандатот на членовите на Советот избрани од Собранието трае четири години со право на уште еден избор.

Мандатот на член на Советот кој е избран на дополнителни избори, поради предвремен престанок на мандатот за член на Советот на чие место е избран, трае четири години. На избраните членови на Советот од редот на јавните обвинители, додека им трае мандатот во Советот, им мирува функцијата јавен обвинител. На член на Советот по функција, со престанок на функцијата му престанува и мандатот во Советот.

Претседателот на Советот се избира од членовите на Советот, од редот на избраните јавни обвинители, со мнозинство гласови од вкупниот број членови со тајно гласање. Мандатот на претседателот на Советот трае две години, без право на повторен избор.

Работите од својата надлежност Советот ги разгледува и за нив одлучува на седница. Одлуките на Советот мора да бидат образложени и истите се објавуваат на веб-страницата на Советот. За својата работа Советот поднесува годишен извештај до Собранието на Република Северна Македонија. Извештајот содржи податоци за бројот на избраните и разрешените јавни обвинители, бројот на поведени и завршени дисциплински постапки, кадровските состојби во јавното обвинителство, материјално-финансиската состојба во јавното обвинителство, податоци за постапување по претставки и предлози од граѓаните и правни лица и други податоци од делокругот на работата на Советот.

Skip to content