Во периодот од 13-ти до 17-ти октомври 2025 година, во организација на проектот “Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, финансиран од Европската унија, претставници на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија како дел од делегацијата составена и од претставници на Јавното обвинителство на РСМ и Академијата за судии и јавни обвинители, ги посети највисоките јавнообвинителски институции во Португалија, со седиште во Лисабон.

Целта на студиската посета беше да им се овозможи на учесниците да се запознаат со правната рамка, секојдневното работење и функционирање на Советот на јавните обвинители, Академијата за правни студии и Јавното обвинителство во друга земја-членка на ЕУ, како би имале можност да ги пренесат и имплементираат најдобрите стандарди, искуства и практики во секојдневното работење.


Во рамките на посетата на португалското Државно јавно обвинителство и на Вишиот Совет на јавни обвинители, сместени во ист објект, учесниците се сретнаа и разменија искуства со јавни обвинители од Државното јавно обвинителство, од Вишиот Совет на јавни обвинители, како и со јавен обвинител-претставник на Инспекциската служба. Имено, тие се запознаа со правната рамка на јавното обвинителство во Португалија и на Вишиот совет на јавни обвинители, нивната организациона структура, начинот на именување и унапредување на јавните обвинители и дисциплински постапки, финансирањето и самостојноста на јавнообвинителскиот систем, транспарентноста во работењето, како и главната цел на јавното обвинителство и на сите јавнообвинителски институции во Португалија, а тоа е да ја штитат демократската законитост. Исто така учесниците се запознаа со постапката на оценување и надзор на работата на јавните обвинители, која ја врши посебна Инспекциска служба во рамките на Државното јавно обвинителство, а која е тесно поврзана и соработува со Вишиот Совет на јавни обвинители.


Учесниците го посетија и Специјализираното јавно обвинителство за истраги во Лисабон кое постапува по најтешките и најсложените предмети на цела територија на Португалија, а каде им беше презентиран електронскиот систем за водење на предметите во тоа обвинителство.

Во рамките на посетата на Академијата за правни студии во Лисабон, учесниците се запознаа со надлежноста, организационата структура, финансирање на академијата и програмите за почетна и континуирана обука на јавните обвинители, при што се дискутираше и се разменија искуства во тој поглед, како и во однос на постапката за прием на кандидати за почетна обука.
