На четириесет и втората седница одржана на ден 08.04.2026 година со почеток во 12:00 часот, Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија по усвојувањето на дневен ред, под точка 1 констатираше продолжување на функцијата на членот на Советот, Кети Петкова согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи и член 35 став 1 точка 3 и став 3 од Законот за Советот на јавните обвинители, сметано од денот на исполнувањето на условите за старосна пензија 18.08.2026 година до денот на истекот на мандатот од 4 години на 26.07.2027 година, а по доставена писмена изјава за продолжување на вршењето на функцијата член на Совет на јавните обвинители и дописот -известување од Собранието на РСМ од 26.03.2026 година да Советот на јавните обвинители согласно своите надлежности постапи според Законот за работни односи и Законот за Советот на јавните обвинители.
Под точка 2 од дневниот ред, донесе одлука за престанок на функцијата јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје на јавниот обвинител Џулијана Мишевска, поради исполнување на услови за старосна пензија.
Под точка 3 од дневниот ред, постапувајќи согласно член 44 од Законот за Советот на јавните обвинители, Советот донесе одлука за престанок на функцијата јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје, по барање на јавниот обвинител Ленче Ристоска во смисла на член 87 став 1 алинеја 1 од Законот за јавното обвинителство.
Под точка 4 од дневниот ред, согласно Деловникот за работа на Советот на јавните обвинители, се донесе одлука за формирање на тричлена комисија за постапување по дисциплинскиот предмет СОЖ бр.3/23, во врска со кој Управниот суд на РСМ има донесено одлука за поништување на решението на Советот на јавните обвинители во постапка по жалба против решение донесено од дисциплинската комисија со кое на јавен обвинител му е изречена дисциплинска мерка-парична казна за сторена тешка дисциплинска повреда.
Под точка 5 од дневниот ред, Претседателот на Советот ги запозна останатите членови со дисциплинскиот предмет СОЖ бр.1/26 оформен по жалба на јавен обвинител Расим Дреца против одлука на дисциплинската комисија. Со оглед на фактот дека на јавниот обвинител му е констатиран престанок на функцијата по сопствено барање на 28.02.2026 година, Советот донесе одлука за запирање на дисциплинската постапка.
По точка разно, никој не побара збор.