Во врска со одлуката за номинирањето на членови и заменик членови во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители од страна на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, донесена на седницата на Советот одржана на 29.10.2024 година, по искажаните реакции за законитоста на номинирањето на истите, Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија заради правилно и транспарентно информирање на јавноста, го дава следното :
СООПШТЕНИЕ
Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија на транспарентен начин во присуство на јавноста образложено и аргументирано на Седница, номинираше двајца членови и заменици членови во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.
Советот смета дека не постои законска пречка за номинација на членовите и замениците во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Номинираните членови се од редот на јавните обвинители согласно Законот. Не само членовите на Советот, туку сите судии и јавни обвинители се избрани и именувани лица, а голем број од нив членуваат во Комисии и тела на Академијата .
Исто така, членови на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија и досега биле членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, а член има и во актуелниот состав, па за целиот овој период од надлежните институции не е констатирана забрана, ниту судир на интереси. Надлежностите во двете институции не се преклопуваат и не предизвикуваат состојба на судир на интереси согласно законската дефиниција од ЗСКСИ, туку создаваат обврска да се внимава на потенцијален судир на интереси која законска обврска ја имаат сите носители на јавни функции при нивното работење.