Соопштение од 46-та седница

На 46-тата седница одржана на ден 11.06.2026 година, со почеток во 10:30 часот, Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија по усвојувањето на дневен ред надополнет со нова точка – усвојување на записникот од 44-та седница, како и објавување оглас за избор на јавни обвинители, ги усвои записниците од 44-та и 45-та седница на Советот.

Потоа, се пристапи кон разгледување на извештајот за работа на Вишото јавно обвинителство Штип со подрачните основни јавни обвинителства (Берово, Делчево, Кочани, Радовиш, Свети Николе, Струмица и Штип) за 2025 година во присуство на Вишиот јавен обвинител Ристо Бојаџиски. Откако извештајот беше презентиран од страна на вишиот јавен обвинител, се отвори расправа и дискусија при што членовите на Советот поставуваа прашања и даваа коментари за истиот. По разгледувањето и дискусијата, Советот позитивно го оцени извештајот и го усвои.

Советот го изгласа Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за внатрешната организација на работните места во Советот на јавните обвинители на РСМ, а по претходна добиена согласност од Министерството за јавна администрација.

Како резултат на донесениот нов Закон за Советот на јавните обвинители на РСМ, Советот ја усвои динамиката на донесувањето на подзаконските акти заради усогласување со одредбите од новиот Закон, при што се формираа неколку комисии како работни тела задолжени за изготвување на нацрт законските акти.

Советот донесе и одлука за определување на јавниот обвинител Наташа Крстевска Цалева за вршител на функцијата Виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје сметано од 12.06.2026 година, па се до изборот на Виш јавен обвинител на ВЈО Скопје, а најмногу за 6 месеци, согласно чл.25 ст.3 од Законот за јавното обвинителство.

Поради исполнување на услови за старосна пензија на Основниот јавен обвинител во ОЈО Кичево – Виолета Стојаноска, Советот донесе одлука за престанок на функцијата јавен обвинител на 02.07.2026 година.

Советот донесе и одлука за објавување на Оглас за избор на Основен јавен обвинител на Основно јавно обвинителство Крива Паланка, за избор на 1-еден јавен обвинител во Основно јавно обвинителство Скопје и за избор на 3-три јавни обвинители во Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Како резултат на констатациите на повисокото јавно обвинителство од извршен надзор над работата на двајца јавни обвинители од основно јавно обвинителство, а кој беше побаран од страна на Советот по добиени претставки, се одлучи да се извести и да се препратат предметите на надлежно постапување до Јавното обвинителство на РСМ.

Skip to content