Search
Close this search box.

Соопштение од одржана 26-та седница

На дваесет и шестата седница одржана на ден 04.07.2025 година, со почеток во 10.30 часот, Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија по усвојувањето на дневен ред објавен на веб-страната на Советот, го усвои записникот од 25-та седница на Советот на јавните обвинители, донесе одлука за избор на јавниот обвинител Виолета Стојаноска за Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Кичево и одлука за избор на јавниот обвинител Никола Јолески за Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Струга.   

Понатаму во однос на точка 4 од дневниот ред, која беше одлучено да се разгледа како последна точка од дневниот ред и без присуство на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Советот донесе одлука да јавноста биде исклучена при разгледувањето на предметите. Откако се разгледаа предметите СОЖ бр.3/24, СОЖ бр.4/24, СОЖ бр.2/25 и СОЖ бр.3/25, оформени по повод жалби против четири решенија со кои не се поведува постапка за утврдување на одговорност- дисциплинска постапка против двајца јавни обвинители, Советот донесе одлука да по службена должност се укинат решенијата за неповедување на постапка за утврдување на одговорност- дисциплинска постапка донесени од страна на Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителска функција и се вратат предметите на повторно одлучување.

Под точка 5 од дневниот ред, Претседателот на Советот ги запозна членовите со содржината на дописите кои укажуваат на постоење на несогласување на податоците во однос на одобрениот буџет на Советот за 2024 година и тие кои се прикажани во Годишниот извештај за работа на Советот за 2024 година, во делот IX Средства за работа и буџет 2024 година. Како резултат на тоа, веднаш се извршени проверки во Одделението за буџет и финансиско работење при Советот и е утврдено дека е направен превид од страна на тоа одделение при давањето на наведените податоци на Комисијата која го изготвувала годишниот извештај за работа за 2024 година. По расправата по оваа точка од дневниот ред, Советот одлучи да се направи исправка на Годишниот извештај за работата на Советот на јавните обвинители за 2024 година во делот на одобрениот буџет, која ќе биде составен дел на овој извештај и ќе се достави до надлежните институции согласно законот.

Под точка 6, се разгледа изготвениот Меморандум за соработка помеѓу Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и Хелсиншкиот комитет за човекови права, а во врска со облиците и начините на соработка помеѓу страните на полето на следење, анализа и превенција на фемицидите и обидите за фемицид во РСМ.

Под точка разно, Претседателот како член на работата група ги запозна членовите на Советот дека во Предлог измените на Законот за Советот на јавните обвинители објавен на ЕНЕР, се содржани алтернативи на членовите 3, 7 и 12, со кои се предвидуваат одредби кои се однесуваат на депрофесионализација на Советот на јавните обвинителот. Со оглед на фактот дека во работната група која работеше на измените на овој закон беа вклучени двајца членови од Советот, ги запознаа останатите членови  дека наведените алтернативи не се став на таа работна група, туку се предлог на Министерството за правда кој што е и овластен предлагач. Притоа, Советот зазеде став да се стави забелешка на ЕНЕР за несогласувањето на Советот со алтернативите кои се вметнати во предлог измените на законот, а се однесуваат на депрофесионализација на Советот на јавните обвинители.

Под истата точка од дневниот ред, двајца членови на Советот ги запознаа останатите членови со известувањата од извршениот надзор на повисокото јавно обвинителство над работата по неколку предмети на еден јавен обвинител од основно јавно обвинителство, а како резултат на поднесени претставки против тој јавен обвинител. Со оглед на констатираната неажурност и неефикасност во постапувањето, Советот одлучи да писмено се обрати до Јавниот обвинител на РСМ во врска со наведената ситуација, заради преземање понатамошни дејствија околу утврдување дали постојат основи за поведување на дисциплинска постапка.  

Skip to content