На 29-тата седница одржана на ден 11.11.2025 година, со почеток во 10.30 часот, Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија по усвојувањето на дневен ред објавен на веб страната на 07.11.2025 година, под точка 1 пристапи кон разгледување на Извештајот за работа на Вишото јавно обвинителство Гостивар со подрачните основни јавни обвинителства (Тетово, Гостивар, Кичево и Дебар) за 2024 година, во присуство на Вишиот јавен обвинител Фаик Арслани. Откако извештајот беше презентирани од страна на Вишиот јавен обвинител, се отвори расправа и дискусија по истиот. По разгледувањето и дискусијата, Советот позитивно го оцени извештајот и го усвои.
Под точка 2 од дневниот ред, Советот на јавните обвинители ја разгледа Нацрт- Стратегијата за комуникација и транспарентност за 2025-2028 година и по дискусијата и согласноста на сите членови на Советот од потребата за донесување на една ваква стратегија насочена кон зголемување на транспарентноста на институцијата, истата ја усвои.
Под точка 3 од дневниот ред, Советот на јавните обвинители го разгледа Нацрт – Правилникот за водење на постапка за обезбедување и гарантирање на самостојност на јавните обвинители и по дискусијата истиот го усвои.
По точка разно, член на Советот ги запозна останатите членови со извршениот надзор на повисокото јавно обвинителство над работата по конкретни предмети на јавен обвинител од ОЈО Скопје, а по поднесени претставки против истиот. Со оглед на констатираната неажурност и неефикасност во постапувањето, Советот одлучи да писмено се обрати до Јавниот обвинител на РСМ во врска со наведената ситуација, заради преземање понатамошни дејствија околу утврдување дали постојат основи за поведување на дисциплинска постапка.
По истата точка од дневниот ред, член на Советот ги запозна останатите за одржаната иницијална работна средба по повод Меморандумот за соработка склучен помеѓу Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство на РСМ, Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство и Хелсиншкиот комитет за човекови права и притоа укажа на потребата да се номинираат член и заменик член на Мултисекторското работно тело за следење на фемициди и обиди за фемицид, како едно од правата и обврски на Советот согласно склучениот меморандум. Така, Советот на јавните обвинители ја номинираше Светлана Стојковиќ за член, а Кети Петкова за заменик член на Мултисекторското работно тело за следење на фемициди и обиди за фемицид.
Последно под оваа точка на дневен ред, заменик претседателот на Советот на јавните обвинители ги информираше останатите членови со дописот од Државната комисија за спречување на корупцијата, со којшто е доставена одлука донесена од нивна страна за непостоење на судир на интереси под бр. 09-1252/2 од 31.10.2025 година.