Соопштение од одржана 44-та седница

На 44-тата седница одржана на ден 12.05.2026 година, со почеток во 12:30 часот, Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија по усвојувањето на дневниот ред објавен на веб страницата на 07.05.2026 година, дополнет со уште една точка 4 – Донесување на одлука за исправка на Одлуката за определување на бројот на јавните обвинители на/во јавните обвинителства во РСМ бр.02-57/5 од 21.04.2026 година и Пречистен текст на истата одлука, под точка 1 ги усвои записниците од 37-ма, 40-та, 41-ва, 42-ра и 43-та седница на Советот.

Под точка 2 и 3 од дневниот ред, се пристапи кон разгледување на Извештајот за работа на Вишото јавно обвинителство Гостивар со подрачните основни јавни обвинителства (Тетово, Гостивар, Кичево и Дебар) за 2025 година, во присуство на Вишиот јавен обвинител Фаик Арслани, како и на Извештајот за работа на Вишото јавно обвинителство Битола со подрачните основни јавни обвинителства (Битола, Прилеп, Охрид, Струга и Ресен) за 2025 година, којшто беше презентиран од страна на Вишиот јавен обвинител Пецо Везироски. Откако овие извештаи беа презентирани од страна на Вишите јавни обвинители, се отвори расправа и дискусија во врска со нивната содржина. По разгледувањето и дискусијата, Советот позитивно ги оцени извештаите и ги усвои.

Под точка 4 од дневниот ред, поради технички грешки се донесе одлука за исправка на Одлуката за определување на бројот на јавните обвинители на/во јавните обвинителства во РСМ бр.02-57/5 од 21.04.2026 година, како и Пречистен текст на истата одлука.

Под точка разно, член на Совет истакна во интерес на транспарентноста на Советот, а и заради запознавање на јавноста со активностите на Советот, дека по стапувањето во сила на Законот за Советот на јавните обвинители на РСМ, Советот има обврска да донесе подзаконски акти во рок од три месеци од денот на стапувањето во сила на Законот, па заради  исполнување на оваа законска обврска, членовите на Советот на колегиум се договорија и утврдија динамика за изготвување на Деловникот на Советот и другите подзаконски акти. Како дел од оваа активност е и присуството на членовите на Советот на јавните обвинители на работилницата за изработка на новите правилници за постапката за надзор над извршувањето на јавно обвинителската функција и постапката за оценување на работата на јавните обвинители, која ќе се одржи со поддршка на проектот “Rule of law“ во Струга на 13-ти,14-ти и 15-ти мај 2026 година. Исто така се заклучи дека со оглед на фактот дека се во тек огласи за избор на јавни обвинители на повеќе јавни обвинителства, а имајќи ги предвид законските обврски од новиот Закон за образложување на одлуките за избор, во услови кога нема утврден вредносен систем за избор и нема нови правилници за надзор и оценување, неопходно е потребно на наредна седница на Советот да се донесе одлука со која ќе се задолжат вишите јавни обвинители, освен вонредното оценување да изготват и извештај за работата на секој јавен обвинител – кандидат на огласот, кој ќе содржи податоци за бројот на предмети во работа, нерешени предмети од претходни години, како и утврдени факти од извршените редовни контроли и надзори.

Skip to content