На ден 07.10.2025 година (вторник) со почеток во 10:30 часот, во просториите на седиштето на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, беше одржана работилница по повод Нацрт Стратегијата за комуникација и транспарентност на Советот на јавните обвинители 2025-2028 година, во соработка и подржано од проектот “Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ преку стручна и техничка помош од страна на негови претставници присутни на работилницата.
Притоа беше презентирана нацрт Стратегијата во сите нејзини аспекти, начела, цели, препораки и активности со временска рамка за исполнување на истите. Следуваше дискусија од страна на членовите на Советот и останатите присутни на работилницата, меѓу кои беа и Претседателот на Здружението на јавните обвинители и портпаролот на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Накратко, заради запознавање на пошироката јавност, Стратегијата за комуникација и транспарентност на Советот на јавните обвинители 2025-2028 претставува документ со кој се дефинираат начелата, стандардите, средствата и начинот на комуникација, како и основните постулати на транспарентно работење. Донесувањето и примената на овој стратешки документ за градење на планска комуникација, како и работење врз основа на принципот на транспарентност гледано од аспект на континуитет, ќе претставува основа за следење на развојот на институцијата и ќе биде основа за изработка на следни стратегии кои ќе водат кон подобрување на работењето и зголемување на довербата во институциите.
Во наредниот период како еден од приоритетите на Советот е да се донесе Стратегијата за комуникација и транспарентност на Советот на јавните обвинители 2025-2028, по што истата ќе биде објавена на веб страната на Советот на јавните обвинители.