На осмата седница одржана на ден 27.11.2024 година, со почеток во 10.30 часот, Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија по усвојувањето на дневен ред, пристапи кон разгледување на Извештајот за работа на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје за 2023 година, во присуство на Основниот јавен обвинител на ОЈО ГОКК, Ислам Абази. Откако извештајот за работа беше презентиран од страна на јавниот обвинител, се отвори расправа и дискусија со членовите на Советот во врска со истиот. По разгледувањето и дискусијата, Советот позитивно го оцени извештајот и го усвои.
Потоа, под точка 2 од дневниот ред, откако беше презентирана содржината на одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата донесена на 10-та седница одржана на 08.11.2024 година, се отвори дискусија и членовите на Советот го образложија своето мислење по повод донесената одлука.
По разгледувањето на одлуката заеднички став на сите присутни членови на Советот на јавните обвинители е дека се работи за одлука која е неподобна за извршување и противречна во самата изреката. Видно е дека одлуката е донесена согласно одредбите од член 40 став 3 од Деловникот за работа на ДКСК согласно која одредба Државната комисија за спречување на корупцијата носи одлука за запирање на натамошното постапување по предмети во случаи кога со утврдената фактичка состојба не е констатирана повреда на законот.
Така во првиот став од изреката на одлуката, Државната комисија за спречување на корупцијата ја запира постапката по предметот во врска со назначување на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители од страна на Советот на јавните обвинители, а во наредните ставови од изреката се утврдува дека Советот на јавните обвинители спротивно на член 9 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, а во врска со член 49 став 1 и член 44 став 4 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, ја донел одлуката за назначување на членови и заменици членови на Управниот одбор на Академијата, на седницата одржана на 29.10.2024 година и се укажува да се преземат мерки за надминување на констатираната состојба. Од целата дискусија по однос на оваа точка од дневниот ред, заеднички став е дека се работи за одлука која е неподобна за извршување.